Ново, современо инклузивно детско игралиште беше пуштено во употреба изминатата недела во градинката „Детска радост“ во Струмица. Игралиштето е плод на соработката меѓу Општината Струмица и Министерството за труд и социјална политика.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска рече дека со отворањето на ова игралиште, запазена е социјалната компонента во градинката и можноста на секое дете да биде вклучено во детската игра.
-Ме радува тоа што со овозможувањето на вакви игралишта придонесуваме кон тоа раскажувањето на децата за нивните денови во градинката да не бидат проследени со негативни чувства на неприфаќање, туку среќни детски спомени, рече Тренчевска.
Инклузивното игралиште е изградено со помош на Кинеската амбасада.
Градоначалникот Костадин Костадинов ја истакна соработката меѓу локалната и централната власт, што како резултат на таа добра соработка пред неколку месеци беше пуштена во употреба новоизградената градинка, најголема во државата „Виножито“. Во исто време, тоа е и најголемата градинка во општината.
-Покрај добрата соработка и ангажманот на Министерството за труд и социјална политика и на Светска банка, и ние како Општина имавме обврски од кои само за инфраструктурата околу градинката вложивме 20 милиони денари од изворниот буџет. Сакам да ги запознам граѓаните дека во соработка со Бирото за рамномерен регионален развој имаме добиено проект за пробивање на нова сервисна улица која не само што е важна за новата градинка, туку и за граѓаните кои живеат во населбата Касарна, рече Костадинов.