Струмица останува на врвот на транспарентни општини – почнаа и средбите со граѓаните за новиот буџет

Како што се доближува крајот на годината, традиционално почнуваат средбите на терен со граѓаните за нивните потреби при креирање на општинскиот буџет за 2024 година.

Од 7 ноември градоначалникот Костадин Костадинов со неговите соработници од општинската администрација и општинските јавни претпријатија од Вељуса, Водоча и Баница ги почнаа јавните собири. Неделава средбите продолжија со граѓаните на Сачево, Дабиле и Градско Балдовци.

Во меѓувреме, објавено е истражувањето на Здружението за истражувања и анализи ЗМАИ преку Индексот за отворени општини. Според ова истражување, Струмица е меѓу најдобрите општини по отвореност на буџетските процеси.

-Транспарентен, отчетен, отворен и правичен е буџетот на нашата Струмица. Транспарентното работење беше мое предизборно ветување, реалност во досегашниот мандат и завет од кој никогаш нема да се откажам се додека им служам на моите струмичани и мојата Струмица, соопшти градоначалникот Костадинов.

Паралелно со средбите на терен, се одржува и буџетскиот форум, на кој граѓаните имаат можност да ги дадат своите предлози, но и да ги кажат своите потреби.

Вкупниот буџет  на општина Струмица за 2023 година изнесува 1.642.012.000  денари, од кои основниот буџет е 805.098.000  денари, а 731.326.000 денари се блок дотации.