Цевководите се завршени, но поради потребата од измени во проектот по барање на изведувачот, финалните активности се во прекин, тврди градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов. Се чека одобрување од Министерството за земјоделие.
„Цевководите се направени од поодамна, но работата заглави во Министерството за земјоделие поради фактичката состојба. Имено надзорот и изведувачите бараа измена во еден дел од проектот за што Министерството за земјоделие треба да даде зелено светло. Ветија дека ќе дадат, но се уште нема ништо официјално одобрено а веќе градежната сезона завршува. Останува уште да се заврши патот, за да добиеме употребна дозвола и да се приклучиме на филтер станицата. Сите други обврски се завршени,“ изјави Паунов.
Во завршна фаза се и активностите на мостот кај селото Долни Балван.
„На почетокот на месец декември ќе биде завршен мостот. Официјално ќе биде пуштен кога ќе добиеме употребна дозвола,т.е надзорот даде зелено светло. 90% од работите се завршени, остануваат некои поситни детали, финално подигање на мостот и горниот дел да се заврши онака како што е по проектот,“ додава градоначалникот.