Деновиве започна со реализација проектот за реконструкција на водоводната мрежа во три населби во градот со вкупна должина од 4,5 км. Во моментов се работи на реконструкција на водоводната мрежа во дел од населбата Ново Делчево со должина од 1, 8 км, по што ќе следуваат работи на терен во населбата Милково Брдо, каде ќе се изврши замена на старата дотраена водоводна инсталација во должина од 2, 3 км, а ќе се реконструира и потисниот цевковод во должина од 450 метри.
Увид во работите на терен изврши градоначалникот Горан Трајковски кој потенцираше дека проектот е во насока на комплетна реконструкција на водоводната мрежа во градот.
-Реконструкцијата подразбира замена на старата дотраена водоводна мрежа со пвц-инсталации, што значи подобрување на квалитетот на водата за пиење и елиминирање на загубите на вода, превенирање на дефектите во водоводниот систем, а најзначајно е влијанието врз здравјето на луѓето, рече Трајковски.
Инвестицијата на проектот е 18,8 милиони денари. Дел од нив во висина од 15 милиони денари е инвестиција преку МТВ, додека 3,5 милиони денари е учество на Општина Делчево.
Градоначалникот Трајковски најави наскоро и реализација на друг проект, исто така, преку МТВ кој се однесува на реконструкција на водоводната мрежа на улиците „Солунска“, „Ванчо Прке“ и ул „Острец“ со вкупна должина од 800 метри. Инвестицијата е 3.1 милион денари.
-Со реализацијата на овие проекти, водоводната мрежа во Делчево ќе биде над 90% со пвц-инсталации. Во оваа прилика, сакам да нагласам дека реализацијата на овие проекти и големата поддршка од МТВ и од Владата и максималната посветеност се уште еден доказ дека соработката меѓу локалната и централната власт секогаш резултира со инвестиции кои се во насока на подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните, истакна Трајковски.