Изградба на фотоволтаична централа „Стипион“ денеска при посетата на Штип најави францускиот амбасадор во земјава Сирил Бомгартнер. Тој заедно со штипскиот градоначалник ја посети локацијата каде ќе се гради соларниот парк, односно онаму каде што беше предвидена изградба на Карго-аеродромот, на територија на општините Штип и Свети Николе.
Амбасадорот Бомгартнер изјави дека станува збор за инвестиција на француската компанија „Акио“, а техничките подоготовски се при крај.
– Сега основниот предизвик е носењето на специјален Закон за оваа стратешка инвестиција, кој го подготвува Владата, а потоа треба да го изгласа Собранието, а којшто ќе ги предвиди сите оние поволности, што следат врз база на оваа стратетшка инвестиција и по донесувањето на Законот брзо ќе се потпише и договорот. Се надевам дека тоа ќе се случи многу брзо, вели Бомгартнер.
Тој потенцира дека проектот е важен бидејќи ќе и помогне на земјата да ја зголеми својата енергетска независност, но и да ги зголеми своите обновливи извори на енергија.
Штипскиот градоначалник Јорданов истакна дека изградбата на најголемиот соларен парк „Стипион“ ќе значи многу за градот, пред се поради зголемување на енергетскиот потенцијал.
Со францускиот амбасадор Јорданов рече дека разговарале и за зајакнување на соработката на Франција со Општина Штип, за изучување на гранцускиот јазик во училиштата, но и за евроинтеграцискиот процес на земјава.