Се интервенира на критичните точки по поплавите во Делчево

Екипи на ЈКП „Брегалница“ денеска поставуваа вреќи со песок на свлечиштата што се создадоа по големите поплави во Делчево во населбата Трети реон. Ова е уште една активност која се реализираше со цел да се превенира понатамошно сливање на водата врз земјата и лизгање на земјиштето. Градоначалникот Трајковски кој заедно со директорот на ЈКП „Брегалница“, Стојковски, денеска повторно направи увид на теренот при што  истакна дека стручните лица веќе прават проценки, како да се санираат свлечиштата, но механизацијата на овие три критични точки може да работи по смирување на временските услови.

– Овие свлечишта, се комплексни зафати и бараат истражни работи и стручни проекти од областа на геомеханиката. Наредниот период, Општината ќе изработи проекти и ќе се пристапи кон решавање на проблемот. Невремето коешто го зафати Делчево предизвика сериозни штети на инфраструктурата. Точно една недела по катастрофалните поплави при што за повеќе од еден час наврнаа 65 л. м2, сите екипи на ЈКП „Брегалница, ТППЕ Делчево работеа на санација на штетите, чистење на наносите, каналите и сл. Екипите беа максимално ангажирани и сите максимално беа во служба на граѓаните и во заштита на имотот на граѓаните, потенцираше Трајковски.

Инаку, до Општина Делчево пристигнуваат пријави за штети. Досега 105 граѓани пријавиле штети , а граѓаните најчесто пријавуваат штети од поплавени подруми, оштетени машини и апарати за домаќинство, мебел, најразлична опрема, паднати или оштетени плафони, а пријавени се и оштетувања на десетина автомобили.