Активната транспарентност на Општина Делчево во 2022 година изнесува 88,6 % (од можни 100 %) со што Општина Делчево трета година по ред се пласира во групата институции со ‘многу добра’ активна транспарентност што значи исполнување на обврските од 80 % до 100 %. Со овие бодови, општината се наоѓа на 23-та позиција од вкупно 98 рангирани институции или трета општина по транспарентност во Источниот регион.
Ова е нотирано од Центарот за граѓански комуникации во редовното годишно рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност, односно според проактивното објавување информации од јавен карактер во кое се вклучени 98 институции, односно Владата и сите министерства и општини. Активната транспарентност на институциите е поделена во пет групи, во зависност од степенот на исполнетост на обврските. Институциите со 80-100% исполнетост се рангирани во групата ‘многу добра’, оние со 60-80% во групата ‘добра’, институциите со 40-60% исполнетост во групата ‘просечна’, од 20-40% исполнетост во групата ‘слаба’ и од 0-20% во групата ‘многу слаба’ активна транспарентност.
Инаку, под ‘активна транспарентност’ се подразбира објавување информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации. Сепак, постои и законска основа за активната транспарентност на институциите, која се наоѓа, пред сè, во Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, но и во низа други закони, како што се Законот за локалната самоуправа, Законот за буџетите, Законот за јавен долг, Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа и др. Освен од регулативата, активната транспарентност произлегува и од добрата практика, а институциите имаат обврски за проактивно објавување информации и од акциските планови во рамките на иницијативата за Отворено владино партнерство.