Во финална фаза е реконструкцијата на спортското игралиште во штипската приградска населба Три чешми. Градоначалникот, кој денеска беше на увид, рече дека сите активности се очекува да бидат завршени следната недела.
– Сега нанесуваме специјализирана тартан подлога која ќе овозможи поквалитетно спортување на сите кои ќе го користат игралиштето. Ќе се замени и дотраената ограда, игралиштето целосно ќе се осветли со рефлектори, а ќе има и нови реквизити, рече Јорданов.
Проектот е финансиран со средства од општината, а Јорданов вели дека во наредниот период, во сите населби каде што нема, ќе се изградат вакви спортски содржини. Нови спортски игралишта инаку претходно добија населбите Железничка и Баби.