Гласни звуци, изобилство од мотоцикли, рок музика и насмеани лица беа сликата што Свети Николе ја покажа викендов за време на седмиот Интернационален мото собир. По две години пауза поради пандемијата со ковид, годинава повеќе од 60 клубови од земјава, регионот, но и пошироко се вратија во новиот парк во Свети Николе, а над 500 мотоцикли продефилираа на традиционалното дефиле низ градот.
Возниот парк не остави никој од посетителите рамнодушен. Организаторот Борче Серафимовски од Мото клубот „Свети Николе“ вели дека за еден „моторџија“ мотоциклот е од непроценлива вредност, без разлика на тоа колку пари чини.
- Во овие два дена забележавме различни типови мотори. Сепак типот на моторот зависи од карактерот на возачот, мотоциклистот. Видовме интересни мотори, од спортски до патнички, а баш сега забележав и група на „кастм“ чопери – специјално изработени по желба на сопствениците. Нормално најзачестени се јапонските марки, германската „БМВ“, а видовме и по некој Харли Дејвисон, вели Серафимовски.
Мотоциклот за мотоциклистите претставува слобода и посебна врста на љубов. Во „моторџиството“ како што вели Јулијан Емилов Петков од Мото клубот „Ноќни волци“ од Бугарија, не е значајно од која професија доаѓаш, а нема ни место за политика.
- Политиката си е за другите луѓе кои ги интересира. За нас е важно да има студено пиво, рокенрол, пријателство, дружба и добра атмосфера, вели Петков.
Во паркот имаше изобилство од пиво и скара, па прашавме колку алкохолот и моторот „одат заедно“. Игор Тимчевски од кумановскиот Мото клуб „Мечки“ вели дека како што пивото треба да е надвор од моторот, опремата мора да е на моторот.
- Одат заедно, но моторот ќе си стои паркиран. Кога пивото ќе испари тогаш се качуваме на мотор и така отпочеток, вели Тимчевски.
Со него се согласува и Владимир Тунтев од скопскиот Мото клуб „Вепар“, кој вели вози уште од дете и моторџиството за него претставува „нешто најдобро на планетата“
– Имам поминато 600-700 илјади на мотор. Моторџиството е дружба, колегијалност и хуманост. Заштитната опрема, со свои 57 години и сите свои падови ваму-таму, морам да кажам дека е од клучно значење, вели Тунтев.
Мотоциклисите велат дека за еден човек да биде моторџија, треба да е роден таков.
- Тоа се гени и воља за мотори, вели Ивица Спирковски.
А „гени“ за мотори во Свети Николе видовме дека имаат и многу девојки. Анета Тодорова од Скопје, која со години вози мотор, вели дека моторџиството и не е машки свет како што генерално се замислува.
- Да се биде жена во моторџискиот свет е привилегија. Пред се ако си адреналински човек, ако ја сакаш слободата и ветрот, тогаш можеш да бидеш на мотор. Моторџики во Скопје има многу и возат големи мотори, вели Тодорова.
Мото собирот и годинава како и секоја друга, освен мотоциклисти собра и голема бројка посетители од сите градови. Над 20 илјади посетители викендов уживаа во добра рок музика, а главна ѕвезда на овој собир, во сабота навечер, беше една од најпознатите рок групи на поранешните ЈУ простори, „Дивље јагоде“.
Дека светиниколчани живеат за Интернационалниот мото собир, потврдува и градоначалникот Дејан Владев. Тој вели дека општината ќе продолжи да го поддржува овој настан кој го заживува градот.