Мобилната и веб – апликација „мЗаедница“ од денеска е достапна и за граѓаните на Крива Паланка. Локалната самоуправа започнува со дигитализација на јавните услуги, на субвенциите, со што граѓаните ќе можат на побрз и поедноставен начин да ги остваруваат своите права.
Дигиталната платформа „мЗаедница“ може да се преземе преку App Store (https://apple.co/2SbERqJ) и Google Play (https://goo.gl/Y9qhpE), а има и десктоп верзија www.mzaednica.mk . Преку апликацијата, жителите можат и директно да комуницираат со општината, со одговорните службеници од секој сектор/одделение, да го следат статусот на пријавениот проблем (од различна област) или предлог и пријавата да ја поткрепат со фотографии и GPRS локација.
На овој начин, Крива Паланка воспоставува систем на континуирана двонасочна комуникација со граѓаните. Општинските служби ќе бидат поинформирани за сите случувања на терен, во реално време и ќе се придонесе кон креирање на поквалитетни и одржливи политики, кои одговараат на потребите на локалното население.
Градоначалникот Сашко Митовски посочува дека преку „мЗаедница“, Крива Паланка уште повеќе ја унапредува својата транспарентност, но го подобрува и квалитетот на јавните услуги кои ги испорачува општината.
-Ако порано за еднократна помош или за стипендија за ученици, мораа да се поднесат документи преку архива, сега таа можност ќе постои, но дополнително ќе може да се аплицира и по дигитален пат. Граѓаните заштедуваат време, а и администрацијата ќе биде поефикасна. Среќни сме што „мЗаедница“ е реалност и во нашата општина. Убеден сум дека ќе имаме успешна и продуктивна комуникација со нашите сограѓани, истакна градоначалникот Митовски.
Дигиталната платформа „мЗаедница“ е развиена од Центарот за социјални иновации БЛИНК 42 – 21. Извршниот директор на организацијата, Милан Танчевски напомена дека Крива Паланка е петта општина која се приклучува кон „мЗаедница“, но бројот на општини кои ја користат апликацијата дополнително ќе се зголемува.
-Сакаме да овозможиме поквалитетни, дигитализирани јавни услуги за граѓаните, но и двонасочната комуникација меѓу граѓаните и општинската админситрација да биде трајна вредност. Затоа што градоначалниците имаат одреден мандат, а администрацијата е таа која има постојан контакт со грaѓаните и таа комуникација, соработка мора да се унапредува. Само на овој начин промената ќе биде суштинска, системска и квалитетот на јавните услуги нема да зависи од политичките промени, истакна Танчески.
Апликацијата „мЗаедница – Крива Паланка“ е дел од проектот „мЗаедница за еЗаедница“, поддржан од проектот за Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА, кофинансиран од Европската Унија.
Крива Паланка продолжува да работи на испорачување на подобри јавни услуги кон сите граѓани. Услуги кои можат да се добијат со помалку трошоци и помалку потрошено време.