Општина Гевгелија очекува интензивирање на комуникацијата со граѓаните, како пат за решавање на комуналните проблеми со кои се соочуваат. Во таа насока работи Систем 48, како една од алатките во Општина Гевгелија, со која на граѓаните им се овозможува, по електронски пат, да ги пријавуваат и решаваат своите барања од надлежност на општината.
По пријавеното барање, надлежните општински служби и ЈПКД „Комуналец“ да постапат за решавање или достават одговор за преземените мерки, во рок од 48 часа. Заради поголема ефикасност на Систем 48 часа, на почетокот од годината, во Општина Гевгелија преземени се активности за навремено решавање и постапување по сите пријавени проблеми Имено, по пријавеното барање на дежурните телефони или пак по СМС пораки и проследувањето на истото до надлежното Општинско одделение или Сектор во ЈПКД „Комуналец“, дежурни екипи ќе извршат увид на теренот и евидентирање на состојбата во врска со пријавениот проблем. Сите надлежни општински служби се обврзани веднаш да преземаат мерки за решавање на проблемот или во зависност од неговиот карактер да покренат постапка за решавање. Најголем број од пријавените над 300 барања преку Систем 48 часа во минатата година се однесувале на уличното осветлување, комунални проблеми и услуги, како и прашања во надлежност на инспекциските служби.
– Целта е Систем 48 да го направиме пооперативен и поефикасен, односно на граѓаните да им излеземе во пресрет при решавањето на секој пријавен проблем. Се разбира, доколку е во надлежност на Општината или пак да ги упатиме до надлежните државни органи и институции за решавање. На тој начин ќе обезбедиме значително подобрување на квалитетот на услугите кон граѓаните, бидејќи наша првенствена задача е да ги решаваме нивните проблеми. Покрај зголемувањето на ефикасноста на Систем 48 часа, новини ќе следат и во другите делови од работењето на општинската администрација за подобрување на услугите кон граѓаните, вели градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.