За подобро претставување и привлекување на туристи, Општина Дојран, со помош на Агенцијата за подршка и промоција на туризмот, ќе креира регионална туристичка понуда за привлекување туристи во текот на целата година. Ова било договорено на средбата за стратешко продлабочување на соработката меѓу директорот на Агенцијата Љупчо Јаневски и дојранскиот градоначалник Анго Ангов.
Она што како прво би требало да се случи е учество на Меѓународниот туристички саем во Белград, како примарен пазар, за што во најскоро време треба да се изработи промотивниот материјал за претставување на овој наш туристички бисер.
Утврдени се и други активности, со чие имплементирање се очекуваат нови инвестиции во туристичкиот сектор, како и зголемување за 20 отсто на ноќевањата кои ќе бидат остварени во наредната 2022 година.
„ Договоривме инвестиции за изградба на нови автокампови, организирање посета на инфлуенсери за гастрономија во Дојран, туристичко означување на дестинацијата и заедничко аплицирање на ИПА проекти за развој на туризмот во Дојран,“ изјави Ангов.