Општина Крушево доби грант од над 700 000 евра во рамки на прекуграничната соработка со Албанија. Крушево, општина Елбасан, Албанија, и неколку организации преку овој проект ќе работат на промоција и одржливост на туризмот преку неколку инфраструктурни зафати и други активности.
Во рамки на проектот општина Крушево ќе изгради паркинг до самото полетувалиште заедно со хортикултурно уредување. Ова е реализација на уште едно барање на параглајдеристите кое ќе се комплетира по поставувањето на нова вештачка трева и изградба на објект.
На полетувалиштето ќе бидат поставени и две станици кои ќе го мерат квалитетот на воздухот, брзина и насока на ветрот.
Од остантите активности кои ќе се реализираат:
- „Даунхил“ патека која ќе овозможи одржување на натпревари во планински велосипедизам на високо, професионално ниво
- ЛЕД осветлување на Крушево, поконкретно во околината на објектите од областа на културата. Ќе бидат поставени 200 ЛЕД светилки
- Низа промотивни активности кои ќе ги промовираат двете страни како атрактивни туристички дестинации
- Обуки и надградување на капацитети на угостителскиот сектор
„Продолжуваме со работа во туризмот. Градиме инфраструктура и меѓународно го промовираме Крушево. Изминатите месеци интензивно работевме на проектот за прекугранична соработка со Албанија и успеавме да го добиеме грантот. Крушево има иднина во туризам!“, изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.
Добиениот грант е дел од „Прекугранична соработка меѓу Република Северна Македонија – Република Албанија Инструмент за пред пристапна поддрша (ИПА 2) – 2018 2020“