На петтата форумска сесија се презентираа резултатите од проектот „Опремување на мултифункционална сала“. Благодарение на овој проект Крушево доби целосно опремена сала за театар и кино со гасеничар.

На последната форумска сесија, која се одржа на местото каде што се имплементира проектот, се презентираше процесот на имплементација, но и можноста за реализација на останатите проекти и препораки кои беа дадени од страна на граѓаните на претходните 4 форуми.

Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски изјави дека со овој проект и целосната реконструкција на горната училишна зграда овој простор повторно е вратен во живот.

„Младите добиваат ново место, а целосната реконструкција на горната училишна зграда го враќа во живот овој локалитет кој носи спомени за многу од нас кои сме учеле и спортувале овде. Се заблагодарувам на УНДП за соработката и поддршката.“, изјави Христоски.

Последователната форумска сесија и имплементацијата на „Опремување на мултифункционална сала“ се дел од Проектот „Зајакнување на општинските совети“, вреден 3,4 милиони швајцарски франци, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и истиот е имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Министерството зa финансии, Заедницата на единиците на локалната самоуправа, Здружение на финансиски работници и UN Women.

Горната училишна зграда е објект којшто поради намалениот број на ученици беше затворен, повеќе од 15 години. Овој прекрасен објект е изграден уште пред Илинденското востани и повеќе од 100 години му одолеваше на забот на времето.

Објектот е комплетно реновиран. Крушевчани добија спортска сала, кино сала,во една од просториите ќе се одржуваат седниците на советот, а свое катче ќе добијат и повеќе граѓански организации.