„Струмица е спортски град. Град на спортисти со врвни домашни и меѓународни достигнувања. Тие се нашата гордост и вистински амбасадори. Струмица е расадник на млади таленти и град на неуморни спортски работници. На сите ви ја оддавам мојата почит и се гордеам со Вас“, рече градоначалникот Коста Јаневски на Изборот на спортист на годината. Во своето поздравно обраќање до спортистите и спортските работници, тој нагласи дека општина Струмица е нивни партнер и ќе продолжи со поддршката кон нив.
На оваа традиционална спортска манифестација, за најдобар спортист беше избран кик боксерот Пепи Велков член на клубот „Тим Зоран“. За најдобра екипа е прогласен Одбојкарскиот клуб „Струмица“, освојувач на шампионската титула и купот, а тренерот на струмичките одбојкари, Кире Ричлиев е прогласен за најдобар во сениорска конкуренција. За најдобар млад спортист на Струмица е избран Витанче Витанов од Кик клубот „Тим Зоран“, а тренерот на кик боксерите Зоран Спасов ја доби наградата за најдобар тренер во младински категории.