Новиот штипски градоначалник Иван Јорданова вчера и официјално седна во градоначалничката фотелја, откако во првиот круг на локалните избори го победи својот противкандидат од СДСМ, Сашко Николов.

Неговото доаѓање на чело на општината вчера беше проследено со пречек и громогласен аплауз од неговите сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ кои во голем број се собраа пред општинската зграда.

Јорданов им се заблагодари на поддршката и вети дека вратите на општината отсега ќе бидат широко отворени за сите жители.

Тој пред медиумите рече дека ќе склучи коалиција со народот и се надева дека граѓаните ја препознале новата иднина и ќе создадат вредности за гордост.

-Од денес официјално институциите под локална самоуправа ќе служат на сограѓаните. Ќе се зафатиме со реорганизација на институциите под локална самоуправа и да ги довршиме започнатите проекти кои со месеци чекаат да бидат реализирани. Граѓаните треба да ја вратат довербата, рече тој.

 

Денеска пак, без присуство на медиуми и во поинтимна атмосфера, доскорешниот градоначалник Сашко Николов му ја предал функцијата градоначалник на неговиот наследник Иван Јорданов.

За примопредавањето информираше Николов на својот фејсбук профил и напиша дека „денеска со кафе и цеден сок“ ја примопредал функцијата градоначалник.

-Општина Штип ја оставам во одлична финансиски ликвидна состојба. На сметката на Општина Штип има 47 милиони денари, на сметка на ЈП „Стипион“ има 4,1 милион денари и дополнителни 500 илјади денари од паркинг наплата, а на сметката на ЈП „Исар“ има девет милиони денари, напиша Николов во објавата во која потенцира и дека остава 22 проекти со обезбедени финансии, завршена јавна набавка и потпишани договори со изведувачи, кои само треба да бидат започнати.

На новиот градоначалник му посака успешна и пожртвувана работа, а во Општина Штип сите граѓани да бидат еднакви.