Амбасадорот на Шведска Ола Сулстром, денеска оствари средба со младите научни истражувачи од Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип, информираат во пишано соопштение од УГД-Штип.

Во него се вели дека средбата е иницирана од Амбасадата на Шведска, а е насочена кон продлабочување на соработката со партнерските институции и разговори за нови можности за младите истражувачи.

-На Кампус 2 – УГД-Штип, амбасадорот Сулстром се сретна со истражувачи од речиси сите научни области. Претходно, тој одржа средба со ректорот Дејан Мираковски и ги посети лабораториите за квалитет на воздух – модернизирани со значајна поддршка од Кралството Шведска преку проект со УНДП, се вели во соопштението од УГД-Штип.

Шведска е долгогодишен партнер на УГД-Штип во делот на мерењето и унапредувањето на квалитетот на воздухот. Од Универзитетот „Гоце Делчев“ велат дека благодарение на оваа соработка, штипскиот Универзитет денес е лидер во државата во научните испитувања поврзани со квалитетот на воздухот.