Општина Штип за првпат воведува спортски стипендии наменети за ученици од основните и средните училишта кои активно се натпреваруваат во индивидуални или екипни спортови. Оваа иницијатива претставува нова форма на поддршка за младите спортисти од градот, со цел нивно дополнително мотивирање и поттикнување на спортскиот развој.
„Ова е првпат досега да се доделуваат спортски стипендии во Штип. Освен континуираната поддршка за спортските клубови и колективи, одвоивме и буџет од три милиони денари токму за оваа намена“, изјави градоначалникот Иван Јорданов.
Стипендиите ќе се доделуваат според јасно утврдени критериуми, донесени преку правилник кој Советот на општината го усвои на својата 60-та седница. Право на пријавување имаат сите редовни и вонредни ученици кои се активни спортисти во клубови со седиште во Штип и се жители на општината.
Претседателот на Комисијата за спорт, Никола Костадинов, истакна дека бодувањето ќе се врши според неколку параметри – училишен успех и спортски достигнувања на државно и меѓународно ниво, со посебно внимание на учество во олимписки спортови и престижни натпреварувања како Европски, Светски и Балкански првенства. Стипендиите ќе се движат од 3.000 до 6.000 денари месечно, зависно од освоените бодови, и ќе се исплаќаат во текот на целата година.
Јорданов апелираше до младите спортисти и нивните родители да ги следат јавните повици и да се пријават, посочувајќи дека постапката ќе биде транспарентна, а селекцијата ќе ја врши петчлена комисија составена од членови на Советот на општината.
Со оваа мерка, Штип испраќа јасна порака дека вложувањето во спортските надежи на градот е приоритет и дека младите таленти заслужуваат поддршка на патот до повисоки спортски достигнувања.




