Центарот на Куманово блесна со автентичниот изглед на реновираниот хотел Солун

Фестивал „Урбан начин на живеење како културно наследство“ кој се одржа на градскиот плоштад во Куманово неделава го означи и крајот на интензивните работи на реконструкција на некогашниот Хотел „Солун“, препознатлив и карактеристичен репрезент на некогашната кумановска чаршија.

Објектот по оваа реконструкција, го задржа автентичниот изглед, во приземјето има повеќенаменски простор за презентации, трибини и инфо-центар, а во просториите на првиот кат, административни простории.

-Реконструкцијата е дел од проектот „Заедничка историја и култура – Мост помеѓу границите“ е финансиран од ЕУ во рамки на ИПА 2 програма за прекугранична соработка со Република Бугарија, како водечки партнер Општина Куманово и партнер Општина Дупница, информираше градоначалникот Максим Димитриевски.

Секторот за евроинтеграции од Општина Куманово, предминатата година го изработи проект за обнова на поранешниот „Хотел Солун“, еден од најрепрезентативните објекти, лоциран на улицата „Иво Лола Рибар“ во централното градско подрачје. Бенефитот од реализацијата на овој проект, појаснија од општината, е повеќекратен и вклучува подобрување на туристичкиот потенцијал во регионот преку иницијативи за соработка за подобро зачувување и одржливо искористување на природно и културно наследство.

На фестивалот настапија Мартинијан Кириловски, Radiostage, 1300 Records, Сандра Милковска, Нино Величковски, Младински оркестар при центар за култура и Маргица Антевска.