Новогодишен парк им ги разубави празниците на делчевчани

За прв пат во градскиот парк во Делчево се поставени новогодишни украси и фигури, но и дрвени куќички наменети за угостителска-трговска дејност. Поставувањето на овие новогодишни реквизити го облагодаруваат градскиот парк и го облекуваат во новогодишно руво, на тој начин, ја збогатуваат новогодишната атмосфера во Делчево нудејќи содржина повеќе за убави фотографии, посебно за најмладите.

Инвестицијата во оваа празнична приказна е на Општина Делчево и локални фирми, додека украсувањето со новогодишни светилки и реквизити на главните улици во градот се врши со постоечките новогодишни украси, набавени претходните години.

Новогодишното украсување на улиците, објектите и домовите, има посебна традиција и порака и дава придонес за поттикнување на позитивното, надежта и вербата дека новата година ќе испишува позитивни страници, а воедно најмладите, да се радуваат на делчевската новогодишна бајка.

Во таа смисла, Општина Делчево ги информира граѓаните дека со цел да се спречат какви било оштетувања на поставените реквизити кои, поради фактот дека станува збор за електрична инсталација која при оштетување може да предизвика несакани последици по безбедноста и здравјето, ќе се постави и видеонадзор за контрола. Општина Делчево апелира до граѓаните за совесно и одговорно однесување и посочува дека поставените светилки се под висок струен напон.

Целта е сите заедно одговорно да придонесеме и да го чуваме општото добро, пред сè, да овозможиме децата да уживаат во новогодишната магија.

Оваа урбана опрема е на сите нас!!!