Во соработка со УНДП, Град Скопје денес го отвори вториот зелен покрив во строгиот центар на градот – покривот на Домот на културата „Кочо Рацин“, за скопјани попознат како Домот на градежници.
На површина од речиси 400 квадратни метри се засадени над 30 различни видови дрвја, средно и ниско зеленило кое е функционално распоредено, а покрај тревната површина и вертикалното зеленило на ѕидовите поставени се и клупи и канделабри.
Новото зелено катче кое е дел од пошироката тенденција на раззеленување на главниот град, официјално го отворија за посетители градоначалникот Петре Шилегов, постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Нарине Сахакјан, заменик амбасадорот на Холандија во нашата земја, Роберт Декер, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева.
Градоначалникот на Скопје изрази огромно задоволство од остварувањето на овој проект, велејќи дека оваа зелена површина ќе ги врати спомените на скопјани кои сега повторно ќе можат да уживаат во кино-претстави на отворено. Тој воедно се заблагодари на холандската амбасада и заменик амбасадорот Роберт Декер, за донацијата на муралот кој што го облагороди изгледот на овој објект.
-По фантастичното искуство што го имавме со отворањето на зелениот покрив на Градскиот трговски центар ова е втора ваква површина што како јавен простор ја ставаме на користење на граѓаните. Таа се наоѓа во Малиот ринг, онаму каде што и тоа како ни е потребно зеленило. Постарите генерации скопјани се сеќаваат дека токму на овој простор се наоѓало летно кино, а граѓаните од околината можеле да уживаат во кино-претстави. Тоа всушност е и идејата на Градот, на оваа површина во текот на летниот период да организираме мини отворено кино, таканаречено „немо“ кино во кое со слушалки ќе се гледа претставата, за да не пречиме на соседството. Ем ќе ги вратиме спомените, ем ќе го облагородиме овој простор, изјави Шилегов.
Запуштениот и руиниран покрив на Домот на градежници во Стратегијата за климатски промени на проектот „Отпорно Скопје“ беше препознаен како едно од неколкуте „урбани топлотни острови“ кои влијаат на зголемувањето на просечната температура во градот. Согласно податоците од релевантни истражувања, температурите на зелениот покрив можат да бидат пониски од 16 до 22 Целзиусови степени споредено со конвенционалните покриви. Со тоа, температурите на околината може да се намалат до три Целзиусови степени, при што потрошувачката на електрична енергија потребна за ладење на овие објекти би се намалила за 0,7 отсто.
Според постојаната претставничка на УНДП, Нарине Сахакјан се повеќе луѓе во светот живеат во градовите и тоа создава голем притисок врз животната средина и отвора предизвици за локалната самоуправа, па затоа УНДП секогаш се обидува да помогне.
Проектот за изградба на зелениот покрив на Домот на градежници е финансиран од буџетот на Град Скопје во вредност од окол 18,5 милиони денари, а имплементиран е во соработка и со поддршка на УНДП.