Во најтешките времиња важна е поддршката на останатите. Така е и во пандемијата, кога секоја помош е добредојдена, особено на оние на кои им е најпотребна. Тргнувајќи од овие факти, Општината Свети Николе потсети на опциите што им се нудат на граѓаните, кои имаат потреба и помошта што ја доделуваат на еднородителските семејства и на жртвите на родово базирано насилство. Преку Правилник кој е донесен во 2018 година, обезбедена е парична помош за жртвите на родово базираното насилство, кое беше изразено особено во време на карантинот во некои од македонските градови. Во Свети Николе, тоа не беше случај. Сепак, општината им е на располагање. Координаторката за еднакви можности, Славица Димова, вели дека оваа категорија на граѓани паричната помош не е единствената помош што ја добиваат.

-За жртви на семејно насилство помошта е 6000 денари. Тука спаѓа и психолошката поддршка и помош. Се работи со работи со одреденото лице, без разлика дали е психичко или физичко малтетирање. Сакам да ги охрабрам жртвите на семејно насилство да бидат малку посилни, малку похрабри, да не го трпат родово базираното насилство и да го пријават во Центарот за социјална работа и со потврдата од таму и со потврдата од полиција евентуално ако има потреба и со формулар да поднесат барање за помош во Општина Свети Николе, изјави Димова.

Во Свети Николе работи шелтер центар за жртвите, кој деновиве нема станари. Со него управува Центарот за социјални работи. Минатата година имало само две жртви кои се обратиле за помош. Градоначалникот Сашо Велковски ги повика граѓаните кои имаат потреба, да им се обратат.

-Радува фактот што жртвите на семејно насилство во Свети Николе се намалува. Процедурата околу тоа кој може да ги користи овие парични средства обезбедени од општинскиот буџет се внесени во Правилникот, соработуваме со Центарот за социјални работи и се надеваме дека овој број ќе се намали. Ги поттикнувам систе оние што се жртви на семејно насилство, да го пријават. Да се јават во ЦСР, а тука е и Општината Свети Николе, која може да помогне со парична помош, повика градоначалникот Велковски.

Барањата, според општината се одобруваат во рок од пет дена, додека за нив одлучува комисија со која претседава претставник од Центарот за социјални работи.

Со донесениот Правилник за парична помош на еднородителски семејства се помагаат повеќе структури на граѓани.

-Без разлика по која основа се самохрани родители – разведени, вдовец, вдовица, слободно да дојдат во Општина Свети Николе, каде ги следува за издржување на семејството и врз основа на болест, по основа нанастаната штета од пожар, школување на деца или за лечење на деца. Во однос на дечињата кои ги издржува, за едно дете е предвидена помош од 7000 денари , изјави Димова.

Изразен е интересот за овој вид на помош. Во текот на 2020 година помогнати се 27 еднородителски семесјтва, додека оваа година, само во првите три месеци, има 17 такви семејства, кои побарале и добиле помош од општината.