На Скопје одамна му треба итен стратешки одговор на проблемот со бавниот и нееколошки градски транспорт, вели градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов во неговата колумна посветена на Скопје.
Тој смета дека на Скопје му е потребен брз автобуски транспорт како примерот со големите и успешни градови ширум светот или популарно наречено „автобуско метро“ или „трамвај на тркал“. Идејата за брзиот транспорт во Скопје е визија за „Зелен град“ кој ќе придонесе за намалување на аерозагадувањето.
Шилегов во неговата колумна се осврнува и на прашњето зошто стотици градови во Европа користат брз автобуски транспорт, и зошто токму нашата метропола ќе се вклучи во ова големо друштво.
„Град Скопје планира да се придружи на друштвото од успешни градови со БРТ коридори, со имплементација на две линии за брз автобуски транспорт – линијата 1 (исток-запад, од Ѓорче Петров преку Центар до Ново Лисиче) од 12,81 км и 21 автобуска станица, а планираме и линија 2 (север-југ од железничката станица на булевар БиХ до бул. Борис Трајковски) во должина од 10,4 километри со 20 автобуски станици“, напиша Шилегов во неговата колумна објавена од „Слободен Печат“.
Како предности на овој транспорт, градоначалникот ги споменува намаленото време на патување, станиците на исто ниво со автобусите со рамен под кој овозможуваат брзо и лесно качување и слегување и целосна пристапност за патници со колички и лица со попреченост.
Она што можеби е најважно колку оваа визија ќе го чини градот, но и државата. Градоначалникот Шилегов вели дека проектот за брз автобуски транспорт, ќе биде далеку поевтин од проектот на претходната владина гарнитура „Скопје 2014“. Односно брзиот, ефикасен, економичен и еколошки транспорт во Скопје за две линии би чинел 10 пати помалку од проектот „Скопје 2014“
„Финансирањето на градежни работи, стоки и проектантски услуги за реконструкција на булеварите во градот, автобуските постојки и две депоа и административна зграда за линија 1 ќе чинат 31,2 милиони евра. Или, споредено со т.н. проект „Скопје 2014“, 5-6 милиони евра помалку од партискиот музеј со восочни фигури (околу 17 милиони евра) и „Панорамското тркало“ (19,75 милиони евра)“, напиша Шилегов во колумната.