На булаварот Христијан Тодоровски Карпош, наспроти паркот во Чаир се поставуваат нови пешаки семафори, со цел решавање на долгогодишниот проблем на жителите од општина Чаир.

Сообраќајната сигнализација се поставува по барање на граѓаните на оваа општина, бидејќи на оваа локација во минатото се случија поголем број на сообраќајни незгоди.

„Тука за првпат се поставуваат пешачки семафори и со нив ќе се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот, а пред се на пешаците. Поставувањето на семафорите, доколку дозволат временските услови, треба целосно да заврши во текот на наредната недела, а нивното пуштање ќе се реализира по целосното завршување на административните постапки со ЕВН и поставувањето на сите потребни електрични инсталации и броила“, велат од Град Скопје.

Град Скопје и ЈП „Улици и патишта“ во континуитет работат на одржување на постојната и поставување нова хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација, за да се зголеми безбедноста во сообраќајот за сите учесници. Изминатиов период, на барање на граѓаните, семафори беа поставени на крстосницата кај „Реплек“ во населбата Козле, на улицата Борис Сарафов во Ѓорче Петров, на булевар Србија (кај полициската станица), а посебни тастери со кој пешаците ќе можат да го активираат вклучувањето на зеленото светло и со тоа побезбедно да го поминат пешачкиот премин се поставени на семафори на повеќе локации во градот.