Општина Штип во четвртокот ја одбележа 149-годинината од раѓањето на големиот македонски револуционер Гоце Делчев, кој две години од својот краток живот поминал во Градот под Исарот. Општинска делегација, предводена од градоначалникот Сашко Николов, положи цвеќе пред спомен-плочата на училиштетето во кое предавал Делчев.
Двете години (од 1894 до 1896) што големиот револуционер и идеолог на македонското револуционерно движење Гоце Делчев ги поминал во Штип, штипјани и денес, 149 години по неговото раѓање, не ги забораваат. Секој 4 февруари, денот кога во 1872 се родил во Кукуш, и 4 мај, кога загинал кај Баница во 1903, граѓаните се собираат пред спомен-плочата на училиштето во штипската населба Ново Село, каде што Гоце бил учител, на која ја пишува неговата позната мисла „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар на народите“ и „Благодарна Македонија“. Многу објекти и институции во градот под Исарот го носеле и го носат Гоцевото име. Така се викала некогашната учителска школа, подоцна и Педагошката академија, Гоцевото име го носат Библиотеката, едно основно училиште, влезниот булевар, така се вика и новиот автопат Штип – Скопје, а „Гоце Делчев“ е името и на штипскиот универзитет, чија ректорска управа е во реконструираното училиште во кое предавал Гоце.
Гоце во Штип пред револверот и камата ја дал и свечената револуционерна обврска. Дошол многу млад, во 23. година од животот, полн со елан и револуционерен занес, кој, освен во Штип, го разнел и во целиот регион. Ги ширел револуционерните идеи, организирал тајни канали за дистрибуција на оружје, често, заедно со револуционерите од Штип и регионот, и самиот учествувајќи во акциите.