Една година откако Јавното претпријатие Дрисла е во надлежност на Град Скопје. Од Град Скопје велат ова јавно претпријатие прерасна во санитарна депонија која применува современи технологии за управување со отпадот, а целокупниот нејзин економски потенцијал е ставен исклучиво во служба на граѓаните.
„Веруваме дека Скопје секогаш може да биде уште почист и помодерен град, и чекор по чекор – тоа и го правиме! Поминаа 9 години но Дрисла конечно повторно ја вративме во надлежност на Град Скопје и за само една година, ја трансформиравме во современа депонија по европски стандарди“, напиша градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на неговиот официјален Фејсбук профил.
Градоначалникот истакна дка ја продолжуваат приказната на поинакво Скопје се додека градот не стане тоа што треба да биде и го заслужува, а тоа е модерна и паметна еко метропола.
„Покрај намалувањето на долгот за речиси 50%, поставивме и нов еколошки безбеден стерилизатор за третирање на медицинскиот отпад, како и нова мерна станица за амбиентен воздух. Дополнително, ги сервисиравме сите градежни машини и ги вративме во употреба, а поставивме и нов софтвер за дигитализација и систем за видео надзор“, вели Шилегов.