Поради замена на доводот во Филтер станицата и вградување на мерач за проток на водата, која ќе пристигнува од Хидросистемот „Злетовица“, Штип денес е без вода за пиење.

„Прекинот  започна од раните утрински часови, фирмата којашто работи на реконструкцијата на Филтер станицата  го поставува мерачот за проток на вода од цевководот на Хидросистемот „Злетовица“. По завршувањето ќе следи период на постепено пристигнување на водата до домаќинствата“,информираше директорот на ЈП „Исар“, Живко Тасев , кој заедно со заменик градоначалникот Јане Миланов изврши  увид на работите во филтер станицата.

Штипската Филтер станица се реконструира со цел да ја прими водата од ХС „Злетовица“. Планирано е градежните работи да траат околу една година, а Владата од буџетот преку тендерот што го распиша Министерството за земјоделство, шумарство  и водостопанство за овој проект издвои 4,5 милиони евра.

Штип со оваа реконструкција ќе добие вода за пиење од „Злетовица“, а од неа се очекува да се испорачуваат 300 литри во секунда низ водоводната мрежа и да има современа филтрација, преработка на водата за пиење.

„Ова значи дека ќе добиеме алтернативен систем за водоснабдување со вода, така да ќе можеме да ја користиме по потреба и водата од ХС Злетовица во догледно време и секако постоечкиот систем за водоснабдување“, изјави Миланов.

Штип ќе биде еден од ретките градови кои ќе имаат два системи на водоснабдување, односно бунарски систем и вода од ХС „Злетовица“. Ова ќе биде решение за водоснабдување за идните триесетина години.