Во текот на првите шест месеци од 2025 година, процесот на имунизација на предучилишните и училишните деца во општините Штип и Карбинци бележи исклучително висока опфатеност. Според податоците од ЈЗУ „Здравствен дом Панче Караѓозов“, вакцинирани се над 90% од децата кои се опфатени со редовниот календар за имунизација.
Доктор Дијана Коцева-Миланова, педијатар и координатор за имунизација во установата, информира дека процесот се спроведува континуирано и со стабилна динамика. Таа нагласува дека се бележи позитивен тренд во однос на свесноста кај родителите за важноста од редовната вакцинација на нивните деца.
„Податоците за првата половина од годинава покажуваат дека имунизацијата е на високо ниво за речиси сите вакцини, со опфат поголем од 90%. Тоа зборува за зголемена одговорност и информираност кај родителите“, изјави Коцева-Миланова.
Посебно внимание се посветува на вакцинацијата против хуманиот папилома вирус (ХПВ), која од неодамна е задолжителна и за девојчиња и за момчиња над 12 години. Како што истакнува докторката, расте интересот за оваа вакцина, што е охрабрувачки сигнал.
„Преку активности за информирање и едукација, се трудиме да ја подигнеме свесноста кај родителите за значењето на ХПВ вакцината. Искуствата од земјите кои веќе долго ја применуваат покажуваат дека вакцината значително го намалува ризикот од појава на карцином на грлото на матката“, вели Коцева-Миланова.
Во насока на унапредување на достапноста на вакцинацијата, од април оваа година, вакциналниот пункт во Здравствениот дом работи и во втора смена секоја среда, овозможувајќи им на родителите дополнителни термини за вакцинација на своите деца.
Овој пристап, комбиниран со активна промоција и соработка со локалната заедница, резултира со стабилен и ефикасен имунизациски процес, кој е од клучна важност за јавното здравје.




