Зелена рекреативна зона со детски терени, патеки и урбана опрема, ќе
добие нашиот туристички бисер ,крајбрежјето на дојранското езеро. Во
Дојран деновиве започнаа активности во рамките на проектот ,, Дојран
туристички бисер во Југоисточна Македонија’’. Станува збор за проект за
што ќе се инвестираат околу 650 илјади евра од ЕУ и државата преку
Проектот за локална и регионална конкурентност.

Кај општинската зграда, покрај паркот, градежната механизација веќе
работи за тој да добие сосема нов лик. Во рамките на проектот ќе се
реконструира и амфитеатарот со санација на оштетените делови и
реконструкција на сцената за изведби но и партерно и хортикултурно
уредување на „Отворена летна сцена“ со површина од 3.600 м2. За полесен
пристап до „сцената“, ќе се асфалтира и пат во должина од 100 метри.

Проектот во Дојран предвидува Партерно и хортикултурно уредување на
Градскиот парк во Дојран односно создавање на Зелена рекреативна зона
на површина од 20.700 м2. Паралелно се планира реконструкција и доградба
на пешачки патеки во должина од 830 метри, изградба на мало детско
игралиште со површина од 270 квадратни метри но и големо детско
игралиште со површина од 540 м2. Во овој предел се планира и парк за
миленици со површина од 600 квадратни метри при што ќе се постави урбана
опрема но и целосно осветлување на овој простор.