Темелна реконструкција на штипското училиште „Тошо Арсов“

По многу години, во основното училиште „Тошо Арсов“ во Штип се врши темелна реконструкција на сите делови од училиштето. Во изминатите 2,5 години во ова училиште се реконструираа училниците, прозорите, дворот, а во моментот се работи на реконструкција на фасадата и на покривната конструкција, зафати што не се вршени од изградбата на училиштето.

Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, заедно со директорката на училиштето извршија увид во работните активности.

„Во моментот се работи на реконструкција на покривната конструкција од 4.400 квадратни метри и на фасадата од 3.800 квадратни метри. Станува збор за инвестиција од околу 650.000 евра. Заедно со сите реконструкции во и околу училиштето ’Тошо Арсов’, во изминатите 2,5 години имаме инвестирано околу 850.000 евра“, истакна Бочварски.

Директорката на училишето, Фросина Маџарова, рече дека тоа е подготвено за новата учебна година, а ги очекуваат укажувањата од Министерство за образование и наука и на Комисијата за заразни болести во врска со мерките за Ковид-19. Подготвени се и за онлајн-настава, при што ги подобриле сите недостатоци од изминатата учебна година.