Ќе добие ли Штип, конечно, современ фудбалски стадион?

Многубројните навивачи на фудбалскиот клуб „Брегалница“ од Штип со години, па и децении се надеваат дека клубот, но и градот ќе добијат попристоен фудбалски објект. Пред пет-шест години работите тргнаа, па застанаа. Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), преку проектот „хет-трик“ на УЕФА, постави рефлекторско осветлување на стадионот, а се направи и теренот со поставување модерен дренажен систем. Нереализирана остана обврската на Општината за покриени две трибини со 5.000 столчиња.

Градоначалникот Благој Болварски деновиве имаше состанок со претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, дел од раководството на федерацијата и со сопственикот на ФК „Брегалница“, Кирил Гогов, на кој бил доставен и проектот што го изработи Општината за Градскиот стадион, а Федерацијата треба да ја разгледа целата техничка докуметација и да даде свои сугестии.

„Исклучително сум задоволен затоа што добив позитивен одговор од страна на претседателот на ФФМ и од подготвеноста тие да ја финансираат изградбата на главната трибина. По завршувањето на изградбата, Општина Штип ќе започне изградба на втората трибина на новиот фудбалски храм на штипјани. Во наредниот период како Општина ќе ги преземеме сите обврски за отстранување на постоечката трибина од Градскиот стадион“, вели Бочварски.

Од ФФМ соопштуваат дека еден од нивните проекти во наредниот период е целосната обнова со изградба на две нови трибини на Градскиот стадион во Штип. Федерацијата, во соработка со УЕФА, ќе ја гради западната трибина и, заедно со Општината, ќе била дел од проектот за изградба на репрезентативен стадион во Штип.

Според некои оптимистички најави, западната трибина што треба да ја гради ФФМ требало да биде завршена во 2021 година, кога ФК „Брегалница“ одбележува 100 години постоење.