Каратистот Емил Павлов по петти пат во последната деценија го доби признанието најдобар спортист на општина Штип, овој пат за 2019 година. Наградата му ја врачи градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, на традиционалната манифестација „Спортист на годината” што се одржа во средата вечерта во мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“ во присуство на многу спортисти и спортски работници. Павлов е двократен европски шампион, а во 2019 година го освои бронзениот медал на Европското првенство во Шпанија и победи и на Премиер-лигата во Москва.
Жарко Арсовски ја доби наградата за најдобар селектор. Признанија беа доделени и на спортисти од помладите категории. Во пионерска конкуренција за најдобра е прогласена каратистката Тамара Ристевска, а во кадетска и младинска борачите Стефан Штерјов, осносно Давид Мишев.
За најдобри наставници во основното и средно во образование се прогласени Ѕвонко Рунчев и Новит Здравев. Драги Герасимов го доби признанието за спортски новинар.
Постхумно посебна плакета беше доделена за неодмна починтиот Трајче Тасевски, истакнат спортист, спортски работник и педагог, кој остави траен белег во штипската и во македонската одбојка.
Градоначалникот Благој Бочварски најави дека во текот на 2020 година ќе има поголеми инвестиции во спортот, а меѓу нив и реконструкција на Градскиот стадион во Штип.