Градоначалникот на Радовиш во посета на Турција: Договорена соработка и финансиска поддршка

На покана од претседателот на Светската унија на турски општини, Угур Ибрахим Алтај, градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов, деновиве беше во работна посета на Република Турција во рамките на Програмата за соработка и размена на информации и искуства.

За време на посетата, градоначалникот Конзулов разговараше и со градоначалникот од збратимената општина Ергене, Расим Јуксел, за интензивирање на соработката и за добивање финансиска поддршка за реализација на проекти од локално значење преку Светската унија на турски општини.

Програмата има за цел да ја продлабочи меѓународната соработка со Република Турција на меѓуопштинско ниво и се одржува еднаш во четири години за нашата држава. Во фокусот на тематските работни сесии беше работењето на локалните администрации и позитивните искуства и практики што ги имплементираат општините.

Годинава во активностите што се одржаа во седум општини во градовите Истанбул и Бурса учествуваа 12 градоначалници од Македонија.