Општина Виница за ЈКП „Солидарност“ обезбеди ново возило за отпад

Со ново возило за смет ќе се чисти отпадот од тесните и тешко пристапни улици во Виница, а и во руралните населени места во општината . Општина Виница, со подршка на УНДП, обезбеди миникипер за отпад „фиат“ и деновиве му го отстапи на ЈКП “Солидарност“.

“Во рок од една година, ние како Општина успеавме значително да помогнеме во обновувањето на возниот парк на комуналното претпријатие, а се’ со единствена цел да го олесниме секојдневното вршење на комунални услуги за нашите граѓани. Ова возило за собирање смет е обезбедено преку проектот ‘Унапредување на општинското владеење’ со вкупна вредност од 31.000 евра, од кои 26.000 евра се обезбедени преку УНДП, а другите 5.000 евра се кофинансирање од општинскиот буџет“, вели градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.

За комуналното претпријатие обновувањето на возниот парк е добредојдено и неопходно.

„Со последните две машини и со ова возио се модернизира возниот парк, се подобруваат услугите за граѓаните. На последната седница на Советот донесовме одлука за собирање на сметот и од поголемите рурални населени места, како Драгобраште, Трсино, Пеклани“, рече директорот на ЈКП “Солидарност“ , Александар Трајков.