Министерот Сугаревски на лице место се запозна со реализацијата на проектот за нов резервоар и цевковод во Радовиш

Градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов, во средата оствари работна средба со  министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски. Во рамките на посетата, министерот беше запознаен со тековните активности на проектот за изградба на новиот резервоар за вода и новиот цевковод, со кој би требало да се реши  проблемот со недостатоците на вода, особено во високата зона на левата страна од градот.

„Оставаривме работна средба со министерот Сугаревски и јас задоволен од разговорот и од помошта која Општина Радовиш ќе ја добие преку Владата.  Граѓаните на општината можат да видат дека се работи и не се запоставени, имаме десет километри од клучката Ињево до Подареш завршен пат, заврши асфалтирањето од центарот на Злеово до мостот кон магистралниот пат. Аплициравме за проекти за изградба на локални патишта и очекуваме од Министерството за транспорт и врски нешто повеќе од еден милион евра средства за нивна реализација. Значи, средства исклучиво наменети за изградба на патишта каде што нема“, изјави градоначалникот Конзулов, заблагодарувајќи му се на министерот за поддршката што Општината ја добива во делот за рехабилитација на патната инфраструктура.

По средбата, министерот Сугаревски изјави дека во изминатите две години максимално се работи на изградба на нови водоводи и канализации затоа што во изминатите десет години многу малку или ништо не било вложувано во комуналната инфраструктура.

„Денес сум во Радовиш и имав изворедна средба со градоначалникот Конзулов, пратеничката  Ѓеорѓиева и претседателот Чаракчиев. Сериозно разговаравме за сите проекти што се финансирани од централната власт, но и за проекти кои се финанисрани од локалната самоуправа.  Денеска сме тука да извршиме увид во еден сериозен проект кој што е финансиран од КФБ банка и  со буџетски средства од 860 илјади евра. Се работи за цевководи и резервоари со кои што ќе се реши во најголема мера прашањето на голем дел на луѓе во делот на чистата и питка вода. Сакам да потенцирам дека ние исклучително сме посветени на изработка на овие проекти затоа што сметатме дека на најдобар можен начин ќе им помогнеме на граѓаните ако ги  решиме прашањата што се поврзани со водата, комуналните зафати“, истакна Сугаревски.