Почнува изградба на новата детска градинка во Делчево за 130 деца

Изведувачот на работите за изградба на новата детска градинка во населбата Расадник денеска беше воведен во работа. Согласно со процедурата, одговорни лица од МТСП, од Општина Делчево, надзорниот орган и изведувачот „Атриум“ ДООЕЛ Вевчани направија увид на локацијата предвидена за изградба. Воедно, започна и расчистувањето на теренот по што ќе отпочнат градежните работи за изградба на новата детска градинка. Според изведувачот, градежните работи треба да започнат на почетокот на наредната недела.

За Делчево изградбата на новата детска градинка е капитална инвестиција, инвестиција во раниот детски развој и прием на сите дечиња во претшколското образование, потенцираше градоначалникот Трајковски.

-Новата детска градинка ќе биде современ и уникатен објект кој ќе го краси Делчево, а неговата намена –да згрижува и воспитува дечиња од најмала возраст ќе значи и анулирање на листата на чекање за прием во детската градинка. Новоизградениот објект, организациски и функционално ќе биде дел од постојната Јавна установа  „Весели Цветови“, но ќе обезбеди независност во своето функционирање и ќе згрижува 130 дечиња. Односно шест групи со деца на возраст од две до пет години и две јаслени групи. Нека е аирлија, порача Трајковски.

Рокот изградба согласно со Договорот е 16 месеци. Вредноста на работите е околу 60 милиони денари со ДДВ, обезбедени од комбинирани извори, од МТСП и од Општина Делчево.