Отчетна, одговорна, транспарентна и секогаш отворена за соработка со граѓаните, ова се квалификациите коишто општина Струмица ги добиваше од извршените истражувања на релевантни фактори во изминатите 12 години. Секогаш и секаде прва во истражувањата со различни индикатори и со најдобри европски практики на локално ниво. Според 74 индикатори, општина Струмица е прва општина во Македонија по добро владеење, транспарентност и отчетност според резултатите од проектот „Лотос“ кој траеше повеќе од една година а се спроведе во 44 општини во Република Македонија, меѓу кои и општина Струмица.
Концептот на добро управување во административна смисла на зборот означува ефикасна, независна, отчетна и отворена јавна служба, ослободена од корупција и посветена на јавното добро. Принципите на добро управување се дефинирани во Белата книга на Европската Унија од 2001 година.
Токму под покровителство на ЕУ се одржа меѓународна конференција за размена на најдобри европски практики во мониторинг и борба против корупцијата на локално ниво која што се одржа во Охрид, а на која на поранешниот градоначалник Зоран Заев и општинската администрација им беше оддадено јавно признание. Овој проект се спроведуваше една година преку 74 индикатори кои покажуваа колку општините се одговорни, транспарентни, отчетни и кои што со нивното оценување и давање на релевантни докази по секој индикатор, беа рангирани со одредени поени според утврдената методологија во проектот „Лотос“. Од сите општини кои беа опфатени со проектот, по сите индикатори општина Струмица беше прва со најдобар резултат од 8,48 бодови, што е најдобар вкупен резултат од сите 43 општини.
Само во првата димензија на истражувањето – транспарентност во работата на локалната самоуправа, што подразбира колку општинската администрација е отворена кон граѓаните, колку граѓаните партиципираат во донесувањето на локалните политики и буџетот на општина Струмица, дали тој и неговиот ребаланс редовно се објавуваат, дали граѓаните знаат кога се одржуваат седници на Советот и што е на дневен ред, дали навремено и редовно се информираат за активностите и иницијативите на Општината, општина Струмица има резултат три пати поголем од просечниот што го имаат сите останати 43 општини заедно и се посочува како пример за добра практика на транспарентно локално управување која што треба да ја следат и останатите општини.
Ова е само една потврда за транспарентноста и отчетноста на општина Струмица, кои биле, се и ќе останат главни приоритети во нејзиниот натамошен развој. Нејзината успешна транспарентна и отчетна приказна секогаш била потврдена со факти и со бројни домашни и меѓународни признанија, кои им пркосат на сите неосновани обиди за извртување на вистината и прикажување на Општината во поинакво издание од тоа во кое таа се наоѓа од 2005 година.