Во пресрет на новогодишните и божиќните празници, градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски денеска донираше пакетчиња за корисниците на двата дневни центри за лица со интелектуална попреченост.

Димитриевски истакна дека капацитетите за овие лица се мали и упати апел централната влст да помогне во нивното згрижување.

– Општина Куманово во рамките на своите можности континуирано одделува средства за финансирање на овие проекти, денеска во предновогодишна атмосфера да се подружиме малку заедно со Дедо Мраз да поделиме пакетчиња, секако имаме обврска и кон овие наши сограѓани.

За жал капацитетите се мали во Општина Куманово, реално проблемите се многу поголеми и потребите за сместување на лица со попреченост во многу поголем број на вакви центри. Апелирам и до централната власт, а воедно и до бизнис секторот, невладините организации да генерираат и имплементираат што поголем број вакви општокорисни проекти, затоа што се гледа и резултатот на штитениците дека тие напредуваат во делот на нивната едукација и секако она што значи за нив, а тоа е социјализацијата и вклучување активно во системот, изјави Димитриевски.

Градоначалникот во придружба со Дедо Мраз пакетчиња денеска подари и на членовите на Здружението за глуви и наглуви лица.