Првите членски книшки, неговата прва и последна лична карта, членската во Сојузното собрание на СФРЈ, последната возачка дозвола, фини, филигрански изработени предмети од сребро -подарок од големите светски државници, меѓу кои со потпис од Жак Ширак и Фрањо Туџман, ракописи и мастилни пенкала со кои пишувал, се дел од поставката на денска отворената спомен соба на првиот македонски претседател Киро Глигоров во Штип. Овие предмети во поголем дел ги отстапи семејството на Глигоров, бидејќи како што рече неговата ќерка Донка, Штип отсекогаш бил нивен град.
– Да имаме едно катче во родниот град на татко ми, којшто секогаш бил штипјанец, каде и да живеел, работел, секогаш го носел Штип со себе и така било кај нас дома. Секогаш сме знаеле дека од овде потекнуваме, изјави Донка Глигорова.
Во мултимедијалниот центар што го носи името на Глигоров, е и постојаната изложбена поставка со негови фотографии, а на ѕидот на влезот во центарот е запишана мислата на Глигоров – „Македонија е се’ што имаме“. Ова е начин Штип да му се оддолжи на претседателот Глигоров, рече градоначалникот Благој Бочварски на денешното отворање на спомен собата.
-Ќе биде убава прилика оваа спомена соба и овој објект да биде патоказ за денешните и идните генерации да можат да дојдат и од блиску да се запознаат со ликот и делото на нашиот прв претседател, рече градоначалникот Бочварски.
Дипломатскиот клуб ја поттикнал идејата еден објект во Штип да го носи името на Глигоров, кој е роден во Штип. Виктор Габер вели дека дипломатити учеле од мудрата доктрина на Глигоров.
-Сеќавањето за неговите меѓународни активности за нас, дипломатите, беше извонредна можност да учиме, да напредуваме и да си ја сакаме оваа земја и затоа сме многу горди што живееме и работевме со претседателот Глигоров, изјави Габер.
„Учиме до ден денеска од твојата упорност и политички прагматизам. Сакаме Македонија да биде рамо до рамо со земјите од развиениот демократски свет“ – напиша во спомен книгата премиероот Зоран Заев, кој беше на отворањето на спомен собата. Покрај Заев, почит на првиот претседател одадоа и повеќе министри и заменици министри во владата, градоначалници во регионот, преживеани борци – негови соборци, како и малубројните членови на неговиот кабинет, кои беа соработници на Глигоров до последните моменти од неговиот живот.