Долги години запоставениот простор пред станбените објекти во населбата Сењак 2, конечно доби урбан и современ изглед, но и нов паркинг за тамошните жители.

Со заеднички средства од општината и јавното претпријатие Исар, во изминатите неколку недели се работеше на поставување урбана опрема, целосно осветлување и хортикултурно уредување а беа поставени и павер елементи.

  • Вкупната инвестиција заедно со ЈП Исар и со парите на граѓаните, со целосно осветлување е нешто помалку од 1 милион денари кои ги одвоивме за овие станбени згради за жителите од оваа населба, истакна градоначалникот Иван Јорданов.

Тој нагласи дека во програмата за уредување на градежно земјиште е предвидено уредување на сите влезови на станбените згради во сите населби до крајот на оваа година со што Штип ќе добие лик на урбана средина како што доликува за град, центар на Источна Македонија, изразувајќи надеж дека се што досега е направено жителите ќе знаат да го чуваат и одржуваат.

  • Сето она што е направено го оставаме во владение и одржување подоцна на жителите и верувам дека тие ќе се грижат за сето тоа, дека хортикултурно садниците на есен кога ќе бидат засадени ќе бидат одржувани, дека урбаната опрема исто така ќе биде одржувана, за да подолг временски период се користат и пред се им служат на нив, потенцираше Јорданов.

Во текот на наредните денови, според најавите на градоначалникот Јорданов, нешто подолу од крстосницата во населбата Сењак, планирано е да се започне со асвалтирање на површина која ќе биде наменета за паркинг простор, а што ќе значи нови 20тина паркинг позиции за жителите на станбените згради во непосредна близина.