Средба со министер за транспорт и врски и доделување решенија за утврдување правен статус на бесправни објекти

Вчера во посета на Општина Штип беше министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски, којшто оствари средба со градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, како и со претставници на општинската администрација.

„Денеска во посета на Општина Штип е министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски, имавме работна средба во којашто дискутиравме за повеќе отворени прашања, за сите инфраструктурни проекти, коишто ги работи Владата со засилено темпо и динамика. Особено ми е драго што Владата со силен капацитет работи на изградбата на автопатот Миладиновци-Штип, со што ќе нѐ поврзе со главниот град со една побрза делница. Експресните патишта кон Кочани и Радовиш исто така се многу важни, со што ќе имаме и подобра и посигурна инфраструктура за патување на сите наши граѓани. Зборувавме за разработка на неколку детални урбанистички планови кои Општина Штип веќе ги има доставено во Министерство за транспорт и врски и ми е особено драго што наидуваме на одличен прием таму и веќе тие се при крај со нивна реализација, ќе можеме наскоро да ги имаме спремни за да влеземе во реализација на тие ДУП-ови,“ истакна градоначалникот Бочварски.

„Со градоначалникот Бочварски и со претставници на општинската администрација разговаравме за сите инфраструктурни проекти кои се одвиваат и во идниот период се планира да бидат реализирани. Градоначалникот Бочварски покажува сериозна посветеност и му честитам за тоа, а ние како Министерство, како и Владата, ќе го поддржуваме, со цел Штип да ја добие реализацијата на важните проекти. Ние работиме на патна инфраструктура и посветени сме како Министерство за транспорт и врски и како Влада на Република Македонија, а во наредниот период во овој регион  предвидено е да бидат вложени 320 милиони евра за подобрување на инфраструктурата. Интензивно се работи на автопатот Миладиновци-Штип, како и на експресните магистрални патишта Штип-Радовиш и Штип-Кочани,“ посочи министерот Сугаревски.

По остварената средба, градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, заедно со министерот Сугаревски доделија решенија за утврдување правен статус на бесправни објекти.

 

Средба со АРМ, Здружена Оперативна Команда

Вчера градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, оствари средба со АРМ, Здружена Оперативна Команда, на којашто присуствуваа командантот на ЗОК бригаден генерал Павле Арсоски и началниците на секции. За време на средбата, градоначалникот ја презентираше Општина Штип и нејзините капацитети, додека бригадниот генерал Павле Арсоски зборуваше за присуството на АРМ на територијата на општина Штип, како и за соработката помеѓу АРМ и Општина Штип.