Штипското комунално претпријатие „Исар“ ги намалува вкупниот долг и кон вработените и кон добавувачите. Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Александар Арсовски вели дека до крајот на наредната година  би требало да ги подмири сите долгови по разни основи. Во моментот се исплаќа заостанат регрес за годишен одмор. Тој истакна и дека во моментов се работи и на Програмата за работа за наредната 2026 година.

-Моменталната ситуација покажува дека ЈП „Исар“ навремено, редовно и тековно ги сервисира сите обврски кон добавувачите. Моментално ги исплаќаме заостанатите регреси за годишен одмор. Се прави и Програмата за работа на ЈП „Исар“ за 2026 година. Истата покажува дека на крајот на 2026 година јавното претпријатие треба да бележи некоја симболична добивка од околу 400.000 до 500.000 денари, изјави Арсовски.

Тој додаде дека на месечна основа се плаќаат рати по основ на разни добавувачи, по основ на електирчна енергија, како и рати за кредитот.

-На месечна основа се плаќаат рати по однос на спогодби за кредитот кој е обврска многу оддамна. По другиот основ како што спомнавте имаме извршно решение од околу 38 милиони денари за неплатена струја кон приватна компанија и таму имаме потпишано спогодба и плаќаме месечно по четири милиони денари, тековно се сервисираат сите обврски. Морам да напоменам дека нема нови обврски, вели Арсовски.