Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, денес оствари прием за претставниците на клубот „Титан ММА”, по повод нивното учество и остварениот успех на државното ММА првенство. На првенството, клубот се закити со два шампионски пехари и едно второ место, а носители на одличјата се Александар Миланов и Влатко Василевски, кои освоија први места, како и Стефан Стојков, кој го освои второто место.
На приемот, градоначалникот Јорданов упати честитки за постигнатите резултати и истакна дека Општина Штип е особено горда што „Титан ММА” е првиот ММА клуб во градот, кој со своите успеси испишува значаен дел од спортската историја на Штип. Тој нагласи дека овие спортисти со своите достигнувања ќе останат трајно запаметени како дел од историјата на клубот и на градот под Исарот.
Денес, градоначалникот Јорданов оствари прием и на Боксерскиот клуб ФАМ Демирови, предводен од тренерот Тархан Демиров. На средбата беше истакнат големиот успех на клубот, кој по четврти пат го освои Трофејот на Македонија во екипна конкуренција на Државното првенство во бокс за младинци.
Градоначалникот порача дека локалната самоуправа и во иднина ќе продолжи да ги поддржува спортските колективи и младите спортисти, препознавајќи го спортот како важен сегмент во промоцијата на градот, здравиот начин на живот и афирмацијата на Штип на државно и меѓународно ниво.




