Во преполната сала на Мултимедијалниот центар на Еконскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев” и во одлична организација и атмосфера, вчера беа врачени признанијата на штипските спортисти , кои во текот на изминатата година ги постигнаа најдобрите спортски резултати и успеси на државни и меѓународни натпревари.

Признанието најдобар во годината позади нас, сосема заслужено го однесе борачот од БК Балканец, Дејан Митров, кој обраќајќи се пред присутните ја изрази својата бладодарност но и желбата за уште поголеми достигнувања во текот на оваа година.

  • Минатата година имаше многу успеси, но и падови, со многу пот на душекот успеавме да постигнеме добри резултати. Оваа година ветувам пред сите вас дека ќе има уште поголеми успеси, бидејќи не очекуваат Олимписките игри во Париз во текот на 2024 година. Општина Штип и Република Македонија заслужуваат да имаат Олимпиец, а јас ќе се погрижам за тоа, рече Митров.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов истакна дека лани општината инвестираше во нови и реконструкција на спортските игралишта низ општината, а општината успеа и Штип за оваа година да биде прогласен и за ,,Европски град на спортот”.

Јорданов најави дека годинава ќе се реализира изградбата на Спортскиот рекреативен  центар (СРЦ) „Џексон”, како и изградба на спортски сали во населбите Три Чешми и Караорман.

Годинава за прв пат општината ќе доделува и стипендии за спортистите, а како што нагласи градоначалникот дд буџетот на Општина Штип ќе се издвои финансиска поддршка за спортистите и клубовите од 18 милиони денари.

Претседателот на Комисијата за избор на спортист, Дејан Здравков истакна дека членовите на комисијата разгледале повеќе од 150 апликации кои пристигнале од околу 15 клуба, а кои имаат постигнато значителни спортски успеси во текот на претходната година. Годинава се воведе и категоријата ветерани, а од минатата година продолжува доделувањето награда и за најдобра жена-спортистка.

  • Од пријавени преку 150 спортисти од над 15 спортски клубови, комисијата направи селекција на најдоброто за 2023 година, а вечерва се  доделија признанијата и наградите за спортски работници,  рече Здравков.

За рангирањето на спортистот предвид се зема најдобриот резултат, а резултатите мора да бидат заверени од соодветните федерации и да бидат веродостојни и поткрепени со докази.

Признание за афирмација и промоција на спортот доби истакнатиот спортски новинар Кирил Манев, како и младиот спортски новинар Александар Ванев од регионалната Телевизија М- Нет.