Општина Делчево е една од петте општини за спроведување на проект за подобрување на сообраќајот

Изминатата недела во Општината Делчево се одржа првата работилница во функција на спроведувањето на проектот за подобрување на капацитетите за управување на сообраќајот и операционализација на институционални промени. Делчево е една од петте пилот општини каде ќе се спроведува овој проект, кој ќе се одвива во три фази – изработка на водич за операционализација на институционалните промени, формирање локално тело за унапредување на безбедноста во сообраќајот и обука за унапредување на безбедноста во сообраќајот.

Воедно, локалното тело за безбедност во сообраќајот ќе треба да работи и на подготовка на стратешки документ – стратегија за безбедност во сообраќајот и акциски план и оперативни документи (годишна програма за работа) кои ќе бидат базирани на анализа која ќе ја земе предвид Директивата на ЕУ 96/2008 и 2019/1936 за управување со безбедноста на патната инфраструктура и со фокус на управување со црни точки (идентификација и приоретизација), инспекција/ревизија на безбедноста во сообраќајот, дизајн на безбедни патишта/улици, високоефикасни евтини мерки за безбедност во сообраќајот, мерки за смирување на сообраќајот, дизајн на патишта кои поминуваат низ населено место, дизајн за ранливи ученици во сообраќајот, пристап за приоретизација и буџетирање на интервенции итн.

Имплементацијата на овој проект во Делчево ќе придонесе за подобрување на капацитетите за управување со сообраќајот на локално ниво.

Проектот се спроведува од Министерството за транспорт и врски и Конзорциумот PLANET-CA, Грција и SUEZ– консултантинг, Белгија, преку кои е обезбедена техничка помош за реализација на проектната активност, а во рамките на проектот за поврзување локални патишта преку Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка.