Министерството за локална самоуправа најавува построги мерки против уништувањето на урбаната опрема. Минисерот Златко Перински информира дека се подготвуваат измени во законската рамка кои ќе воведат значително повисоки казни и обврска за целосна финансиска надомест на направената штета. Целта, како што истакна, е да се намали бројот на случаи во кои јавниот имот се оштетува од несовесни граѓани.
Една од главните новини што ги најавува Министерството е воведување на комунални редарски служби како задолжителен дел од системски закон. Со нивно вградување во законските решенија, сите општини ќе мора да обезбедат организирана редарска служба која би имала улога во надзорот и спречувањето на ваквите прекршувања.
„Планираме законски да се утврди постоењето на комунални редари во секоја локална самоуправа. Тоа ќе ни овозможи, во координација со Владата, да интервенираме и во регулативата за комунални дејности и јавна чистота, каде се пропишани казните за оштетување на урбаната опрема“, изјави Перински, објаснувајќи дека измените ќе значат повисоки казни со превентивна цел.
Тој додаде дека секој што ќе предизвика материјална штета врз јавни површини или поставена опрема ќе има обврска во целост да ја надомести вложената сума. Според него, ваквиот механизам е најсоодветен начин да се одвратат несовесните поединци од вакво однесување.
Дополнително, Перински појасни дека воспоставување комунална полиција не е возможно, бидејќи полициските надлежности се уредени со други закони и не припаѓаат на локалната самоуправа. „Она што можеме да го направиме на локално ниво е да воспоставиме функционален систем кој ќе реагира на девијантните појави и ќе ја штити опремата што ја плаќаме сите ние“, истакна тој.
Министерот верува дека со овие законски измени ќе се создаде подобра култура на одговорност и поголема грижа за јавните површини, што ќе придонесе за почиста и поуредна заедница.




