Пензонерското здружение во Штип оваа година организира хуманитарна акција со која новогодишни пакети ќе бидат доставени до најстарите и потешко подвижните членови. Многумина од нив со месеци не можат да дојдат во пензионерските клубови, па затоа волонтерките од понеделник ќе ги посетуваат по нивните домови.

Пакети со основни производи за најранливите

Во пакетите се вклучени прехранбени артикли и санитарни производи – намирници кои им се најпотребни на повозрасните граѓани. Акцијата има јасна цел, вели претседателот на здружението Ристе Нетков: ниеден пензионер да не остане заборавен во празничните денови.

„Нашите волонтерки почнуваат со теренски посети уште од понеделник. Ќе ги обиколат членовите кои поради возраста и здравјето потешко доаѓаат во клубовите. Со себе ќе носат скромни новогодишни подароци – пакети со храна и средства за хигиена, она што најмногу им е потребно,“ изјави Нетков.

Подготовки и за новогодишни прослави

Паралелно со хуманитарната акција, здружението се подготвува и за традиционалните новогодишни прослави во пензионерските клубови. Нетков нагласува дека во Штип има повеќе од 10.000 членови, па секое здружение самостојно организира сопствена свеченост.

„Секоја група си ја планира сопствената прослава, а ќе имаме и гости од други здруженија,“ додаде тој.

Почит и празнична атмосфера за секој член

Од здружението истакнуваат дека активностите се организирани со цел да се оддаде почит кон повозрасните и да се донесе новогодишна атмосфера до секој дом. Очекувањата се дека, и годинава, пензионерите ќе ја испратат старата 2025 и ќе ја дочекаат новата 2026 година во позитивно и достоинствено расположение.