Општина Штип и годинава, по четврти пат, ќе обезбеди стипендии и еднократни парични награди за ученици од основните и средните училишта кои постигнале забележителни резултати на државни или меѓународни натпревари. Вкупно 600 илјади денари се издвоени за оваа намена – 420 илјади денари за стипендии и 180 илјади денари за награди.
Според објаснувањето на Санева, право на аплицирање имаат редовните ученици кои живеат во Општина Штип и кои освоиле едно од првите три места на натпревар од државен ранг. „Од вкупните средства, најголемиот дел – 420 илјади денари – ќе бидат насочени за стипендии“, наведува таа.
Висината на стипендијата се определува според постигнатиот успех и критериумите од утврдената методологија. Учениците кои имаат меѓународни признанија не конкурираат за стипендија, туку добиваат еднократна парична награда. „Наградите се предвидени за ученици со резултати на меѓународни натпревари, додека оние со високи државни постигнувања може да добијат една од трите видови стипендии“, појаснува Санева.
Сите потребни документи се достапни во јавниот повик. Пријавувањето може да се изврши електронски или со поднесување на документација во писмена форма во Архивата на општината. Рокот за аплицирање е 8 декември.




