Во Штип започна асфалтирањето на еден од клучните краци на улицата „Велјко Влаховиќ“, кој ќе обезбеди директна врска со новата обиколница што се протега од населбата Железничка до викенд-зоната Плуждино. Со оваа интервенција се отвора можност за значително подобрување на сообраќајната поврзаност и олеснување на движењето во овој дел од градот.
Проектот опфаќа и изградба на неколку дополнителни краци кои ќе ги поврзат населбите Пребек и Мерите со новата обиколница. Планирано е и уредување на кружен тек во близина на црквата „Св. Јован Крстител“, со што ќе се подобри протокот на возила и безбедноста во сообраќајот.
Градоначалникот Иван Јорданов, кој денес присуствуваше на терен, изјави дека овој проект претставува чекор напред во создавање на нови урбани и индустриски зони:
„Во моментот се нанесува првиот слој асфалт на делницата што ќе ја поврзе Пребек со обиколницата. Паралелно се подготвуваат и останатите краци – оној од населбата Железничка кон Плуждино и кракот што ќе ги поврзе Мерите со новата сообраќајница. Кај црквата ‘Јован Крстител’ ќе биде изграден кружен тек, кој ќе претставува централна точка на обиколницата. Верувам дека за неколку години ова подрачје ќе прерасне во нова станбена и деловна зона, со голем потенцијал за развој“, истакна Јорданов.
Покрај оваа инфраструктурна активност, во тек е и тендерската постапка за изградба на мост преку реката Брегалница, кој ќе биде дел од обиколницата. Со неговата реализација ќе се овозможи побрз и поефикасен пристап до излезот од градот и кон градските гробишта.
„Мостот на Брегалница ќе има големо значење, бидејќи ќе ја поврзе обиколницата со источниот дел на градот. Овој потег, кој постепено се урбанизира, во иднина ќе стане нов центар на развој и населување“, додаде градоначалникот.
Со реализацијата на проектот, Штип ќе добие модерна и функционална обиколница, која не само што ќе го растовари сообраќајот во центарот, туку и ќе создаде услови за економски раст и отворање на нови можности за домување и инвестирање.




