Дино паркот во Штип наскоро ќе премине во раце на приватен закупец. Советот на Општина Штип на денешната седница ја поддржа иницијативата за давање на овој простор под закуп, по што општината ќе објави јавен оглас за избор на најдобриот понудувач. Ваквиот чекор, како што појаснуваат надлежните, треба да обезбеди непречено функционирање на паркот, негово понатамошно доразвивање и привлечување уште повеќе посетители – не само од градот, туку и од регионот и од целата земја.

Вишна Шорова-Ангелова, истакна дека Штип постојано се шири и дека граѓаните имаат сè поголема потреба од рекреативни и забавни површини. Според неа, идејата за изнајмување произлегла и од разговорите со мештаните. „Законот предвидува дека почетната закупнина изнесува 0,5% од проценетата вредност на објектот, па така износот од 251.073 денари месечно е резултат токму на таа формула“, нагласи таа.

По склучувањето на договорот со новиот закупец, ќе се дефинира и цената на билетите за влез во паркот. Општината најавува дека сите детали ќе бидат јавно достапни, за граѓаните навремено да се информираат.

Дино паркот, кој беше отворен пред еден месец, се простира на простор од околу 10.000 квадратни метри. Во него се поставени 50 експонати, меѓу кои и дваесет интерактивни модели на диносауруси што реагираат на движење, произведуваат звуци и создаваат реалистично доживување. Во изминатиот период интересот е голем, особено за време на викендите.